Репрезентациите на Турција и Германија денеска од 20 часот ќе играат во финалето на кошаркарското европсо првенство. За Турција ова е второ финале и мечтае за прво злато додека Германија ќе игра за второто злато обидувајќи се да го повтори успехот од 1993 година.
Турција и Германија најмногу покажаа на овој турнир и останаа единствени кои немаа ниту еден пораз. Едноставно победуваа во сите од досегашните осум меча. Сепак, вечерва една од овие две екипи ќе мора да загуби и да се задоволи со среброто.
Овој меч ќе биде интересен и за Македонија, затоа што во составот на Турција игра Чеди Осман. Не само што игра туку тој е еден и од лидерите на оваа селекција. Осман е роден во Охрид и доколку Турција го освои златото, тој ќе биде првиот кошаркар роден во Македонија со златен медал од европско кошаркарско првенство.
Ако Турција биде европски првак, Осман дури и прв ќе го крене трофејот затоа што тој е капитен на репрезентацијата.
Во двете репрезентации има по двајца клучни играчи околу кои се врти играта. Турците се потпираат на Алперен Шенгун (20,8 поени, 11 скока и 7 асистенции во просек) и Чеди Осман (15,1 поен), додека кај Германците лидери се Денис Шредер (20,9 поени, 6,6 асистенции) и Франц Вагнер (21,1 поен, 5,6 скока).
Што се однесува до „Х факторот“, тоа би можело да биде Ерџан Османи или Шејн Ларкин од едната страна, или Андреас Обст или Исак Бонга од другата, но не е исклучено некој друг да излезе од сенките и да стане неочекуван херој на финалето на Евробаскетот.