Фудбалската репрезентација на Македонија во јунскиот прозорец на ФИФА ќе одигра уште една силна контрола, откако денес од ФФМ потврдија дека и официјално е потврден пријателскиот натпревар против Чешка во Прага, кој ќе се одигра на 10 јуни. Претходно Македонија ќе игра и против Хрватска, на трети јуни во Риека.
Двата дуела против репрезентации учеснички на Европското првенство ќе бидат одлична проверка за избраниците на селекторот Благоја Милевски пред настапите во Лигата на нациите од септември до ноември оваа година.
„Мило ми е што постигнавме договор со Чешкиот фудбалски сојуз да одиграме натпревар кој ќе биде одличен тест за двете селекции. Противникот бараше натпревар против нас, а тоа е потврда и за нашиот квалитет. Репрезентација на Чешка, учесник на претстојното Европско првенство, ќе биде поттик за нашата репрезентација да влезе во натпреварувачки ритам пред да започнеме со официјалните натпревари од новото издание на Лигата на нациите. Чешка има силен тим, но сакаме да видиме каде сме во тој момент и што треба уште да подобриме во пресрет на отворањето на Лигата на нациите. Сигурен сум дека гледачите ќе уживаат во квалитетен натпревар“, изјави селекторот Благоја Милевски.