Убава беше глетката синоќа на Националната арена „Тодор Проески“ со полни трибини, македонските фудбалери добија поддршка каква што бараа, но не се оддолжија со победа, туку одиграа само нерешено со Казахстан.
Со ова се потврди зачудувачкиот податок дека во овие мундијалски квалификации Македонија беше подобра на гости отколку дома.
Дома имаме освоено само 6 бодa на 4 меча (три ремија и само една победа над Лихтенштајн), а на гости досега собравме 7 бодa на три средби и немаме примено гол, останува уште посетата кај Велс во клучниот ноемвриски меч кој ќе одреди дали ќе бидеме втори или трети во групата.
Не е дека Црвено-жолтите тотално потфрлаат дома, повеќе од две години немаме пораз во Скопје, но против големите историски гледано, почесто изненадуваме на гости отколку на свој терен, а ни се случува и како синоќа, дома да не победиме меч на кој сме големи фаворити на хартија.