Фудбалската репрезентација на Македонија има водство (0-1) по првото полувреме против Летонија во Рига, во третиот меч од овој циклус во групата Ц од Лигата на нации. Стрелец на голот беше Јани Атанасов во 35-тата минута од дуелот.
Македонија ја имаше контролата над топката во почетниот период, а Летонците се обидуваа преку противнапади да го загрозат голот на Столе Димитриевски.
Летонија прва се закани, во 13-тата минута, кога Јанис Икауниекс упати удар со глава од осум метри, но заврши крај дирекот.
Во 24-тата минута Јани Атанасов се одлучи на удар од далечина, но неговиот шут заврши над голот.
Многу посериозен беше ударот на капитенот Енис Барди две минути подоцна, но топката за малку мина над гредата од летонскиот гол.
Третиот шут на Македонија беше во рамките на голот, во 30-тата минута. Повторно се обиде Јани Атанасов, но Матревикс беше на вистинското место и одбрани.
Тој што имаше најмногу обиди, на крајот и постигна гол кој може да го погледнете ТУКА. Во 35-тата минута, по една одлична акција во која учествуваше и Бојан Миовски, играчот за врска Јани Атанасов го откри резултатот и донесе водство (0-1) за Македонија.
Во финишот, Столе Димитриевски имаше две одлични интервенции со кои го сочува водството на Македонија по првиот дел.