9.8 C
Skopje
петок, 13 февруари 2026

Македонија за противник ја доби Швајцарија, уште четири селекции до комплетирање на „естонскиот подвиг“

Репрезентацијата на Македонија за противници во Лигата на нациите ги доби Шкотска, Швајцарија и Словенија. Против Словенија имаме одиграно вкупно седум натпревари, вклучително и првиот официјален на 13 октомври 1993 година, додека против Шкотска сме играле четирипати.

Македонија и Швајцарија никогаш претходно немаат одиграно меѓусебен меч, па сега ќе останат уште четири селекции за да се комплетира т.н. „естонски подвиг“. Токму Естонија е единствената земја од Европа која има одиграно барем по еден натпревар против останатите членки на УЕФА, кои се на број 55.

Швајцарија ќе биде 50-тата земја членка на УЕФА против која ќе одиграме натпревар, па за комплетирање на „естонскиот подвиг“ ќе ни требаат уште натпревари против Франција, Северна Ирска, Грција и Сан Марино.

Можност да се намали оваа бројка ќе имаме во јуни, кога е термин резервиран за пријателски натпревари пред почетокот на Светското првенство, па можеби некоја од овие четири селекции ќе биде наш противник во тој термин на ФИФА.

- Оглас -

Најнови вести