Македонската фудбалска репрезентација за играчи до 19 години загуби со 2:0 од врсниците од Украина во првото коло од елитните квалификации за пласман на Европското првенство. Мечот се играше на теренот „Петар Милошевски“ кај ФФМ, а по овој пораз, шансите на нашите надежи дека може да играат на континенталниот собир се минимални.
Солидно играа избраниците на Тони Јакимоски во првиот дел, но во последните моменти падна концентрацијата и по еден изведен корнер, гостите преку Кревсун, постигнаа гол за 1:0.
Неколку моменти подоцна беше означен крајот на првото полувреме. Шокот од крајот на првиот дел како да не беше доволен, па само што започна второто полувреме, Украина даде и втор гол. Пономаренко упати силен и прецизен удар и го совлада македонскиот голман.
Ситуацијата за Македонија стана уште посложена откако во 75-тата минута Мелиќи доби директен црвен картон по еден опасен старт, па со играч помалку, нашите надежи немаа шанси да му парираат на ривалот.
Во групата во која се Македонија и Украина, денеска Швајцарија минимално со 1:0 ја победи Летонија.
Во второто коло, на 23 март, Македонија ќе игра против Швајцарија, а Украина ќе вкрсти со Летонија.