Македонија знае да игра кошарка, а избраниците на Драган Бајиќ имаа одлично шоу во првото полувреме против Словачка и водат со 35:24.
Словаците почнаа со први поени на мечот, но потоа на паркетот тргна фуријата во „црвено-жолти“ дресови и Македонија со серија од 11:0 најави кој ќе биде победник во вториот меч за нас во претквалификациите за настап на Мундијалот во 2023 година.
Николов и Вајли со три прекрасни акции и цепелини во НБА стил ја кренаа на нозе публиката во „Борис Трајковски“, а иако има нешто повеќе од стотина гледачи атмосферата е одлична.
Највисоката разлика беше цели 16 поени, 28:12 на почетокот на втората четвртина, но скромниот втор дел од тој период не чинеше да падне разликата на 10 поени, 35:24 за Македонија.
Капитенот Бојан Трајковски е лидер на паркетот и најефикасен стрелец по првото полувреме со 9 поени. Вајли постигна 8, а Крстевски и Николов постигнаа по шест поени.
Македонија го загуби првиот меч по поразот од Швајцарија со 62:67, а потоа Словачка ги победи Швајцарците со 64:56, па по три меча, ако ја задрѓиме предноста во второто полувреме, сите три селекции пред вториот круг во Скопје ќе имаат по една победа и пораз.
Двете првопласирани селекции ќе играат квалификации за Светското првенство што ќе се игра за две години во Индонезија, Филипини и Јапонија.