Женскиот ракометен шампион на Македонија, Ѓорче Петров, со пласманот во четвртфиналето на Европскиот куп го направи најголемиот клупски успех во ерата после Кометал ЃП. Успехот во двомечот со Лазне Кинжварт ги донесе „лавиците“ од Ѓорче Петров помеѓу најдобрите осум во третото по ранг европско натпреварување, а тиа знаеја како да прослават овој успех.
Славјето започна уште во салата со последниот свиреж на судијата. Се славеше со македонски знамиња, државното, но и она националното со 16-краката ѕвезда од Кутлеш.
Но, после натпреварот ракометарките на Ѓорче Петров покажаа дека знаат да заиграат и надвор од теренот, па се виеше македонско оро сред Чешка.