Македонската Дејвис куп репрезентација забележа победа против Косово со 2-0 во мечот за опстанок во Третата Европска зона што се игра во Улцињ. Со овој триумф, македонските тенисери обезбедуваат опстанок во оваа зона. До двата поена Македонија стигна по двете сингл победи.
Во првиот меч Берк Бугариќ го совлада Мал Агуши со 2-0 во сетови (6-2, 6-1) за еден час и 32 минути игра. Во првиот сет по 1-1 во гемови, Бугариќ направи серија од четири гема за водство од 5-1 и водство кое беше тешко достижно за противникот. Во вториот сет Агуши поведе со 1-0, но потоа следуваше серија на Бугариќ од шест гема што значеше водство на Македонија од 1-0 во мечот.
Во вториот меч Шендрит Деари поведе против Јасин Јакупи со 1-0 откако го доби првиот сет со 6-4 во гемови. Деари поведе со 4-0, но ривалот успеа да изедначи на 4-4, сепак завршницата на сетот му припадна на Деари кој ги освои двата наредни гема.
Во вториот сет Јакупи поведе со 4-0 во гемови, а Деари само успеа да освои еден гем, иако некои од гемовите се играа и по повеќе од 15 поени.
Во решавачкиот сет Шендрит Деари имаше пет брејка од шест можности. Во гемот каде имаше повеќе брејк гемови, единствениот гем на свој сервис го освои Деари (четвртиот гем) за водство од 3-1 и таа предност се покажа како решавачка за да го добие мечот и со тоа да го донесе вториот поен за Македонија. Мечот траеше два часа и пет минути.
Мечот во двојки нема да се игра.
На мечевите во Улцињ Македонија забележа две победи, против Словенија со 2-1 и против Косово со 2-0, додека поразот од Црна Гора во првиот меч од 0-3 ја спречи нашата репрезентација да се бори за пласман во повисок ранг.