Македонскиот кошаркарски сениорски национален тим ја напушти Унгарија и веќе пристигна во романскиот град Орадеа, каде в среда навечер ќе игра против Романија во третиот меч од претквалификациите за Светско првенство.
Избраниците на Марјан Илиевски ги оставија зад себе случувањата на синоќешниот натпревар против Унгарија, одигран во Солнок во кој бевме убедливо поразени од домашната селекција.
По нешто повеќе од два часа возење со автобус, тимот се „чекираше“ во Орадеа, и веќе се фокусира кон она што ќе следува в среда, мечот со противникот од кој Македонија претрпе пораз на стартот на претквалификациите на дуелот во Куманово.
Стручниот штаб на чело со селекторот Илиевски се одлучи за мали промени во распоредот на активностите за време на престојот во овој романски град. Со оглед на присутниот замор во екипата, ќе биде намален бројот на планираните тренинзи и наместо два пати, утре и во вторник ќе биде одработен само по еден „централен“ тренинг.