Кошаркарската репрезентација на Македонија веќе го одржа единствениот денешен тренинг во Орадеа, каде што се подготвува за гостувањето против Романија в среда, во меч од претквалификациите за СП 2027.
Нашите кошаркарски репрезентативци вчера имаа видеоанализа на гостувањето кај Унгарија, на кое претрпеа пораз од 38 поени разлика, грешките се воочени и сега треба да се работи на нивно минимизирање или целосно елиминирање доколку е можно.
Денеска и утре тимот на Марјан Илиевски ќе тренира по еднаш во сала, а мечот е в среда од 18 часот. Се работи на тактичка подготовка против ривал со кој пред девет дена играа во Куманово и познати ни се добрите и слабите страни на Романците.
Победа над Романија колку-толку ќе ги врати надежите дека може да се најдеме во квалификациите за СП, иако шансите за такво нешто сега се само теоретски. Овој состав со играчи кои летово прифатија да играат за репрезентацијата е неискусен и ќе треба трпение пред да дојдат резултатите.