Ракометната репрезентација на Македонија загуби од Франција со 29-39, но може да биде горда на тоа што играше на историски најпосетениот ракометен натпревар на сите времиња.
Стадионот во Дизелдорф беше исполнет речиси до последно место, а за денешните два меча трибините собираа над 53.000 навивачи. Ова е празник на ракометот, особено за Германците кои успеаја во намерата да постават светски рекорд.
Добро почнаа нашите ракометари кои по првите 15 минути имаа предност од 10:8 против големиот фаворит. Французите побараа тајмаут и до крајот на првиот дел не само што ја анулираа нашата негатива, туку по првиот дел имаа предност од 17:13.
Во второто полувреме, Галските петли со рутинирана игра го контролираше резултатот и во ниту еден момент разликата не падна под четири погодоци. Избраниците на Кирил Лазаров парираа до 21:17, но потоа Французите заиграа уште подобро, па на крајот стигнаа и до победа од највисока предност од 10 гола.
Македонскиот тим немаше сили за сензација. Пешевски со 7 и Џонов со 6 гола беа најефикасни во составот на селекторот Лазаров, а одличен беше и голманот Никола Митревски со двоцифрен број на одбранети удари.
Во второто коло од групната фаза Македонија ќе игра против домаќинот Германија, а противник на нашата селекција ќе биде и Швајцарија и тоа во рамките од третото коло.