Македонската спортска икона понуди саботен хуманитарен тикет за мерак

Еден од најдобрите ракометари на сите времиња, македонската спортска легенда Кирил Лазаров, состави интересен хуманитарен тикет со пет натпревари и најавува дека нашиот национален тим, кого го предводи тој, има добри шанси да ја продолжи низата настапи на големите ракометни натпреварувања како светски и европски првенства.

Лазаров, кој во моментов е тренер на клубот Алкалоид и селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија, како играч го имаат тренирано многу големи имиња, а тој од сите нив зел по нешто кое го применува во својата работа која ја почна по завршувањето на блескавата играчка кариера.

„Како играч имав одлични тренери во мојата кариера. Сите нив ги почитувам максимално и сум во постојана комуникација со нив на тема ракомет“, открива Лазаров, кој има играно за големи клубови, а историски лидер е во две многу важни категории, прв стрелец е во историјата на машката Лига на шампиони и рекордер по бројот на постигнати голови на едно Светско првенство.

ИМАМЕ ПОГОЛЕМ ИЗБОР НА ИГРАЧИ КОИ КОНКУРИРААТ ЗА МЕСТО ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА, ЖЕЛБАТА Е ДА БИДЕМЕ КОМПЛЕТНИ ЗА БАРАЖОТ ВО МАЈ

Македонската репрезентација на неодамнешните контролни средби со Романија настапи некомплетна, но тоа беше шанса да се проверат можностите на некои нови лица.

„На пријателските натпревари против Романија дадовме шанса на повеќе играчи да се наметнат во националниот тим. Добро е што за разлика од порано, сега имаме поголем избор на играчи со сличен квалитет кои може да конкурираат за место во репрезентацијата. Се надевам дека во мај, кога е баражот со Фарски Острови, ќе ги имаме најдобрите на располагање“, вели Лазаров.

Тимот на Фарски острови на Европското првенство во Германија покажа дека знае да биде многу опасен, имаат играчи кои играат во големи клубови, па Лазаров од своите избраници ќе бара максимален ангажман и најсериозен пристап.

„Фарски Острови се многу незгодна и квалитетна селекција. Мораме да бидеме на високо ниво на двата натпревари доколку сакаме нов настап на Светското првенство. Секако дека имаме шанси да играме на СП 2025, ќе го дадеме нашиот максимум на тие два меча. Никако нема да ги потцениме, во последните години тие изненадија со многу квалитетни репрезентации и ќе мора да бидеме максимално претпазливи“, изјавува селекторот.

Вчера на ждрепката за квалификциите за ЕП 2026 Македонија за противници ги доби Словенија, Литванија и Естонија. Треба да бидеме први или втори во групата за да се најдеме на завршницата, а и третото место може да биде доволно.

„Задоволен сум од ждрепката. Мислам дека имаме реални шанси да се пласираме на следното Европско првенство. Не смееме во ниту еден случај да ги потцениме Естонија и Литванија, додека со Словенците ќе пробаме да извојуваме барем една победа, знаеме дека се работи за квалитетен тим којшто успеа да обезбеди олимписка виза за Париз“, коментира Лазаров.

АЛКАЛИОД ИМА ЈАСНА СТРАТЕГИЈА И ЦЕЛ

Освен како селектор, Лазаров работи и во клубот Алкалоид, кој се покажува како непресушен извор на потенцијални репрезентативци. Под палката на Лазаров, многу играчи напредуваат во кариерата, а клубот постојано расте.

„Алкалоид е млад клуб на сцената. Идејата и целите се да ги развиваме младите македонски играчи, да им нудиме квалитетни услови за работа во нивниот развој, со што бенефит би имале нашата држава и националниот тим. Воедно, им вградуваме победнички менталитет во многу силна конкуренција во Суперлигата, каде што други тимови имаат на располагање по осум, дури и повеќе странски играчи. Имаме јасна цел и стратегија. Очекувам како што ќе поминува времето, така да стануваме сè подобри и поконкурентни. Трпеливи сме и знаеме што сакаме“, смета тренерот на еден од најдобрите тимови во Македонија, кој притоа се потпира на домашни сили.

НАВИВА ЗА ТРИ ТИМА

Што се однесува до фудбалот, Лазаров има свои фаворити во Премиер лигата, Серија А и Ла Лига. Како некогашен член на Барселона, очекувано е што ја симпатизира Барса, а фан е и на Росонерите од Милано и актуелниот европски и англиски првак Манчестер сити.

„Мора да признаам дека поради обврските во ракометот, фудбал следам малку, а и немам искуство со обложување. Омилени тимови ми се Барселона, Милан и Манчестер сити, нив ги следам повеќе и кога играат тие, знам да одвојам време за да ги гледам“, заклучува за крај Лазаров, кој состави хуманитарен тикет со надеж дека ќе биде добитен и парите од евентуалната добивка ќе завршат на вистинско место и таму каде што се најпотребни.

- Оглас -

Најнови вести