Македонската одбојкарска репрезентација се израдува на првата победа сезонава во Европската Златна лига, откако со максимални 3:0 го победи Азербејџан, во дуел од третото коло.
Со овој триумф Македонија ја прекина низата од шест порази по ред во сите натпреварувања. Ова е прва радост од септември минатата година, а Македонија го продолжи стоостотниот учинок во дуелите со Азербејџан, четири победи во четири меча.
Интересно е дека сите три сета како да беа пресликани еден од друг, барем што се однесува тоа како се одвиваше резултатот. Во првиот сет нашите одбојкари поведоа со 5:2, постоа стигнаа до 11:6, за да при водство од 20:10 беше јасно на чија страна ќе оди првиот сет и тоа со 25:17.
Во вториот сет темопото на игра беше слично како во првиот сет. Македонија водеше со 5:2, потоа пак со 11:6, но беше 20:11, за да на крајот повторно заврши сетот со 25:17.
Ништо не се смени ни во последниот трет сет. Македонија пак водеше со 5:2, па со 11:6 и со 20:10, за да на крајот сепак заврши со 25:18. Во четвртото коло Македонија утре ќе игра против Белгија, која исто како нас има една победа и тоа над Азербејџан и два порази.