Македонската фудбалска репрезентација за првпат во историјата заврши на второто место во едни квалификации за големо натпреварување. Нашите најдобри фудбалери беа веднаш зад гигантот Германија во квалификациите за пласман на Светското првенство во Катар и на тој начин обезбедија место во баражот.
Овој бараж за место на Мундијалот ќе биде посебен. За првпат ќе има полуфинале и финале што мора да се добијат за да се биде дел од планетарниот собир. Освен Македонија, уште 11 европски селекции ќе бидат во баражот за трите преостанати места на завршницата на Мундијалот.
Како ќе биде ждрепката? Шест селекции се во улога на носители и тоа се: Италија, Португалија, Русија. Шкотска, Шведска и Велс. Како неносители освен Македонија, ќе бидат и Австрија, Чешка, Полска, Турција и Украина.
Ќе има три групи со по четири селекции во кои ќе има две полуфинални меча меѓу носители и неносители. Победниците од тие полуфиналиња ќе играат во финалето, а дополнителна ждрепка ќе реши кој ќе биде домаќин на тој меч што ќе носи во финалето.

Украина никако не може да се падне со Русија во полуфиналето и финалето, што значи дека од сите носители, Русија има најголеми шанси да биде наш ривал, но тоа не мора ништо да значи.
Кој и да биде ривалот на Македонија во полуфиналето, нашите фудбалери ќе играат на гостински терен. Само во финалето може да ја добијат шансата да играат во Скопје.
Ждрепката ќе биде од 17 часот во Цирих.

