Македонскиот ракомет ќе го има и на ЕП 2020

Македонската ракометна репрезентација обезбеди пласман на Европското првенство кое следната година во јануари ќе се игра во Австрија, Норвешка и Шведска. Нашите најдобри ракометари попладнево успеаја да победат против Турција со 26:25 и на тој начин и дефинитивно да го обезбедат местото на континенталната завршница. Ова ќе биде петто последователно учество на Македонија на европските првенства, а вкупно шесто во историјата.

Нашите ракометари одиграа со многу осцилации на гостувањето во Турција. Започнавме добро, па по израмнетите неколку минути (3:3), Македонија поведе со 7:3. Водството на нашите ракометари беше сигурно до 10:7, а потоа турскиот селектор побара тајмаут и од тука започна убавата низа на домаќините. Негативата од три разлика ја претворија во предност од 12:10, а потоа и во воство од 13:11 по првото полувреме.

Во вториот дел, Турција го контролираше резултатот и имаше предност. Највисокото водство на домаќините беше во 42-рата минута (19:15), но тоа како да беше знак нашите ракометари да се „разбудат“. Со серија од 3:0 стигнавме до минус еден гол (19:18), а потоа во 51-вата минута и до првото водство во вториот дел (22:21). Потоа се играше гол за гол во неизвесната завршница.

Талески погоди за 26:24 на две минути до крај, но брзо потоа Турците возвратија и намалија на 25:26. Во последниот наш напад, Лазаров биеше под закана за пасивен напад, па домаќините го имаа последниот напад. На една секунди до крајот беше досуден фаул за Турција, а голманот Никола Митревски го одбрани последниот удар и Македонија стигна до посакуваната победа.

Последниот меч на Македонија во овие квалификации е в недела, кога во Струмица ќе бидеме домаќини на аутсајдерот Грција.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести