ЦСКА ќе се обиде да го привлече македонскиот голман Дејан Илиев, пишуваат бугарските медиуми. Овој клуб водеше преговори со Дени и во 2018 година, но не се договорија и струмичанецот остана во лондонскиот Арсенал. Илиев имал и бугарски пасош, па нема да зазема место на странец во ЦСКА.
Илиев, кој има 24 години, брани за вториот тим на Арсенал. По доаѓањето на Бернд Лено, за Илиев немаше шанса да се вклучи во првиот тим на Унаи Емери. Тој му е резерва на Столе Димитриевски во македонскиот национален тим, а пред да премине во „топчиите“, го бранеше голот на Беласица од Струмица.
Доколку премине во ЦСКА, Илиев ќе ја продолжи традицијата на играње на Македонци во софискиот клуб, која почна речиси пред 25 години, кога тренерот Ѓоко Хаџиевски таму однесе неколку наши репрезентативци.