Македонската кошаркарска репрезентација денеска беше дел од десетте европски репрезентации кои учествуваа во ждрепката за претквалификациите за пласман во квалификациите за Евробаскетот 2029 година.
Нашата репрезентација ќе биде дел од групата „А“ во која се уште и репрезентациите на Ирска, Луксембург и Азербејџан. Тоа е единствената група со четири селекции.
Во групата „Б“ ќе играат селекциите на Бугарија, Норвешка и Ерменија, додека во групата „Ц“ ќе се натпреваруваат: Словачка, Косово и Албанија.
Трите првопласираните селекции од секоја група, како и најдобрата второпласирана, ќе обезбедат пласман во втората фаза од квалификациите за Евробаскетот во 2029 година.
Во првата фаза, ќе се игра во три натпреварувачки „прозорци“. Првиот е од 24.ноември до 2. декември, 2025 година, вториот ќе се игра во периодот од 23. февруари до 3. март, 2026 година, а последниот е предвиден помеѓу 29. јуни до 7. јули, наредната, 2026 година.
ВТОРА РУНДА ОД ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ
Во втората рунда, освен овие четири репрезентации ќе бидат приклучени и осум репрезентации кои ќе бидат елиминирани во првиот круг од европските кваллификации за Светскиот Куп 2027 година во Катар.
Ќе бидат поделени во четири групи („Д“, „Е“, „Ф“ и „Г“), по три национални тимови, а секоја репрезентација во оваа фаза ќе одигра по четири натпревари.
Првопласираните четири репрезентации, од секоја група, ќе обезбедат пласман во квалификациите за ФИБА Евробаскетот 2029 година.
ТРЕТА НАТПРЕВАРУВАЧКА РУНДА
Согласно со системот за натпреварување во претквалификациите, ФИБА ќе даде и трета можност за пласман во квалификациите за Еврообаскетот во 2029 година.
Имено, националните тимови кои нема да ја поминат првата рунда од претквалификациите, како и оние кои ќе испаднат во вториот круг од натпреварувањето, ќе имаат и трета можност.
Во третата претквалификациска рунда ќе учествуваат вкупно 14. национални селекции.
Шест од нив се оние кои не обезбедиле пласман во вториот круг од натпреварите, и уште осум кои не ја минале втората претквалификациска рунда.
Овие тимови ќе бидат поделени во две групи (со по четири) и две групи (со по три учесници), кои ќе играат според системот „дома-гости“ во еден ФИБА „прозорец“ (август, 2027 година).
Победниците на овие четири групи обезбедуваат место во квалификациите за Европското првенство во 2029 година. Ждрепката за овие четири натпреварувачки групи ќе биде реализирана пред одигрувањето на третата рунда од претквалификациите.