Македонските „лавови“ ќе го „гризнат“ Дракула

Победа против Романија е единственото нешто на што размислуваат во македонската кошаркарска репрезентација, во пресрет на вечерашниот дуел (почеток во 18.15 часот) во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

Нови два бода, особено ако победата е со голема разлика, ќе бидат од исклучително големо значење за „црвено-жолтите“, бидејќи така би имале четири бода од два меча, и ќе останат уште дуелот дома со Косово, и гостувањето во Романија за крај во февруари 2019.

Адути на македонска страна треба да бидат домашниот терен, помошта од публиката и натпреварувачкиот ритам, кој гостите го немаат бидејќи ова им е прв меч во циклусов. И традицијата е на наша страна. Македонија загуби од Романија со 87-75 во Вроцлав 1993 година, но подоцна, во квалификациите за ЕП 1999, имавме две победи, од кои едната дома на 25 февруари 1998 (во СРЦ Кале) од 80-52 со актуелниот претседател на МКФ, Петар Наумоски, како прв стрелец на тимот.

Судиската тројка на мечот е составена од арбитри од Украина, Полска и Словачка.

Клучен дуел може да биде оној на Ричард Хендрикс и Емануел Каце. Ако натурализираниот Македонец го запре крилниот центар кој во квалификациите за СП 2019 имаше просек од 13,5 поени и 10,2 скока, ќе бидеме блиску до победа.

„Очекувам победа против ривалот кој физички е силен, но технички не е толку поткован. Ние мора да го дадеме максимумот. Се надевам дека ќе одиграме и во одбрана и во напад подобро отколку во Косово. Така ќе бидеме блиску до планот и желбите за две победи во овој септемвриски мини-циклус“ – вели селекторот Јорданчо Давитков.

Билетите се по цена од 100 денари. Кошаркарите ги повикуваат сите љубители на спортот да дојдат и да им помогнат, а тие ветуваат дека ќе се оддолжат со добра игра и победа, па вечер нека има заедничко славје за продолжување на патот кон квалификациите за ЕП 2021.

- Оглас -

Најнови вести