Репрезентацијата на Македонија за кошаркари до 20 години, попладнево од 18.30 часот во салата на СРЦ Кале во Скопје, игра со Велика Британија, и со победа ќе се пласира во полуфиналето на Европското првенство Б дивизија, со што би дошле на чекор од пласман во европската елита (најдобрите три селекции одат во А дивизија).
Македонија е фаворит на хартија, тоа го најавуваат и квотите во Sport Life, а и играчите се оптимистички расположени после големата победа над Бугарија која ни донесе прво место во групата. Велика Британија во првите четири кола имаше по две победи и порази, но тоа е тим кој е физички силен.
„Самодовербата во тимот е на највисоко ниво. Во моментов имаме добра енергија, веруваме во себе. И нормално, одиме на победа. Велика Британија е квалитетна репрезентација, завршија како второпласирани во нивната група. Очекуваме нивна добра игра, брзи се, атлетични. Но, мислам дека ние сме фаворити и очекуваме победа која води во полуфиналето“ – јасен е нашиот племејкер Марин Петков.
Селекторот Никола Василев ги повика фановите да им дадат поддршка на момците.
„Мислам дека клучот за успехот на мечот против Велика Британија ќе биде добрата одбрана. Се надевам дека ќе се вмешаме во борбата за медалите и ќе ја оствариме најголемата цел на ова првенство, пласман во А-дивизијата. Би сакал да ги поканам љубителите на кошарката и навивачите, да дојдат во Кале и да ни дадат поддршка на патот кон полуфиналето“ – вели Василев.