Македонските младинци следниот месец ќе си имаат работа и со Ансу Фати

Младата ѕвезда на Барселона, Ансу Фати, на 16 години и 11 месеци синоќа против Црна Гора дебитираше за У-21 репрезентацијата на Шпанија. Ова значи дека ако не биде повреден или болен, ќе може да игра и против Македонија во следното коло на 14-ти ноември.

Дебито за младата репрезентација го имаше во 79-тата минута, кога влезе на местото на Кукурелја и стана вториот најмлад дебитант за У-21 селекцијата по Бојан Кркиќ (16 години и 9 месеци). И во тие десетина минути на теренот, Фати беше опасен, правеше проблеми за одбраната на Црногорците и за малку ќе дадеше гол.

Некои млади Црногорци, навивачи на Барселона, го искористија присуството на Фати во Подгорица да се фотографираат со него.

Фати сезонава се наметна како идна ѕвезда на Каталонците, беше одлична замена за Меси и Дембеле додека беа повредени. Барселона поради него веќе не планира да го купи Нејмар, а откако се реши да земе шпанско државјанство, сега од Фати треба да се плашат сите ривали на Црвената фурија. Следен противник им е Македонија, па стручниот штаб на чело со Благоја Милевски ќе треба да смисли тактика како да се одбраниме од овој опасен играч на каталонскиот гигант.

 

- Оглас -

Најнови вести