Младинската машка репрезентација на Македонија одигра нерешено 24:24 против Хрватска во второто коло на Европското првенство кое се игра во Целје, Словенија.
Нашите надежи добро го почнаа мечот и речиси постојано имаа водство, кое во пет ситуации беше со два гола предност (последен пат 8:6). Хрватите потоа ја презедоа иницијативата, па при резултат 10:10, Коцкестите направија серија од 5:0 и на полувреме заминаа со предност од 15:10.
На почетокот на вториот дел, Хрватска стигна и до највисока предност од 18:11, но македонските надежи покажаа карактер, не се предадоа и успеаја да се вратат во игра. Со неверојатна серија од 9:1, Македонија поведе со 20:19, што беше и најава за неизвесна завршница.
Во финишот Хрватска беше таа која имаше предност од еден гол, а Македонија израмнуваше. Така од 20:20 се играше гол за гол до крајот, па Македонија заслужено стигна до реми и освои бод.
Во првото коло Македонија убедливо со 31:21 ја победи Црна Гора, па во третото коло во директен дуел против Австрија ќе игра за првото место.