Македонската машка ракометна репрезентација денеска ќе игра меч за историја и за прв медал на Медитерански игри во колективните спортови за нашата земја.
Ривал во мечот за третото место и бронзениот медал на избраниците на Кирил Лазаров ќе им биде селекцијата на Србија од 12.30 часот.
Двете репрезентации беа поразени во полуфиналето, Македонија од Египет со 20:34, а Србија против Шпанија со 38:42, па утеха ќе бараат во малото финале во Алжир.
За Македонија бронзата би била со златен сјај поради податокот дека досега немаме освоено медал во колективните спортови на Медитеранските игри.
Најблиску до медал беа кошаркарите во 2013 година, но загубија со 58:63 од Тунис во мечот за третото место на Игрите во Мерсин, Турција, а и ракометарките во 2018 година во Тарагона, Шпанија, го освоија четвртото место по поразот од Словенија со 29:30 во малото финале.
Во финалето денеска од 17.30 часот во машка конкуренција ќе играат Египет и Шпанија, две селекции што имаат по една титула на МИ.