Македонската машка ракометна репрезентација ќе одигра контролен тест-меч и на три дена пред стартот на Европското првенство, тимот на селекторот Кирил Лазаров во Хернинг ќе игра против клубот Митјиланд.
Митјиланд е тим од Хернинг, градот во кој Македонија ќе ги игра своите натпревари на ЕП, и е еден од подобрите тимови во првата данска дивизија која е втора лига според квалитетот во таа земја.
Црвено-жолтите уште денеска и утре ќе тренираат во Скопје, во вторник имаат слободен ден, а в среда заминуваат за Швајцарија каде од 8-ми до 10-ти јануари треба да одиграат три пријателски средби, против Бахреин, Украина и Швајцарија. Потоа се селат во Данска, каде ќе се тестираат и против Митјиланд како последна проверка пред дуелот со моќната Данска на 16-ти јануари во првото коло на ЕП.

