Шест македонски екипи денес ги добија противниците во ракометните купови на ЕХФ. Најинтересна двојка, барем за публиката, е онаа помеѓу Тиквеш и Докса од Драма, што значи дека во Кавадарци ќе се игра македонско-грчки двобој во првото коло од Европскиот куп. Доколку Тиквеш успее да ја мине првата пречка, за противник во второто коло ќе го има норвешкиот Арендал.
Во второто коло од Европскиот куп директно стартуваат екипите на Алкалоид и Охрид. Освојувачот на Купот на Македонија, Алкалоид, доби противник по мерка во литванскиот Драгунас Клаипеда, додека Охрид ќе има романски противник во екипата на Потаиса Турда.
Шампионот на Македонија во женска конкуренција, Ѓорче Петров, во второто квалификациско коло од Лигата на Европа за противник ќе ја има екипата на Хорс од Шведска, а за пласман во групната фаза ќе мора да го мине и третото коло.
Поволна ждрепка за 1/32-финалето од Европскиот куп во женска конкуренција имаше екипата на Чаир, кој за противник го доби Каерјенг од Луксембург, додека повратникот на меѓународна сцена, Металург, доби противник од Турција, составот на Гореле.
Ждрепката за групите од Лигата на Европа, односно противниците на Вардар ќе бидат извлечени откако ќе завршат квалификациите, додека Еурофарм Пелистер веќе ги доби ривалите за групната фаза од Лигата на шампионите.