Ракометарите на Алкалоид се изборија за историско учество во финалето на ЕХФ Европскиот куп, каде ќе се соочат со грчкиот АЕК.
Иако натпреварот во Норвешка започна неубедливо и со негатива од пет гола уште во раната фаза, избраниците на Кирил Лазаров уште еднаш покажаа несомнен квалитет и цврст карактер. Продолжија да се борат и чекор по чекор го следеа патот кој сами си го трасираа – со тим составен претежно од домашни македонски играчи, успевајќи да се наметнат и во Европа.

По последниот свиреж, успехот беше крунисан со фотографија што сведочи за историскиот момент – македонско славје на норвешко тло. Заслужена награда за целиот тим, кој беше поддржан и од претседателот Живко Мукаетов, уште еден доказ дека заедништвото и макотрпната работа носат големи резултати за РК Алкалоид и македонскиот ракомет.