Суперинтересна е завршницата во српскиот шампионат, каде што Партизан и Црвена ѕвезда водат голема битка во борбата за титулата.
Нормално, во таква ситуација ПР-луѓето на овие тимови водат уште поголема битка со соопштенија, а во последното кое дојде од Црвена ѕвезда се бара судии од странство да судат на натпреварите на двата гиганти од оваа земја.
„Во ФС на Србија наредено е дека Црвена ѕвезда не смее да биде шампион, но ние нема да се откажеме од сето тоа со голема борба на терен.
Бараме од Федерацијата да дозволи судии од странство да ги водат нашите и натпреварите на Партизан со цел да нема пристрасно делење на правдата“, стои во дел од соопштението од Црвена ѕвезда.
Информациите до кои дојдоа дел од српските медиуми велат дека некогашниот европски првак акцент ставил на најдобрите судии од соседството, а, секако, тука се вклучени и најдобрите македонски делители на правдата.