Макрон навива за Марсеј, а комотно може да биде претседател на ПСЖ – По Мбапе, сака да го види и Зидан во таборот на парижаните

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, призна дека влијаел на Килијан Мбапе да остане во Пари Сен Жермен и дека разговарал со него пред да одлучи дали да продолжи со Светците од Париз или да замине во Реал Мадрид, а сега вели дека сака Зинедин Зидан да биде нов тренер на францускиот шампион.

„Да, точно е дека разговарав со Мбапе и секако дека навивав тој да остане во Пари Сен Жермен. Вистината е дека Килијан сам си одлучи да го продолжи договорот со шампионот. Сакам и Зинедин Зидан да дојде во ПСЖ бидејќи такво фудбалско име и талентиран тренер ќе го крене нивото на францускиот фудбал. Не сум разговарал со Зидан, но ако имам прилика, секако ќе му го кажам моето мислење“, изјави претседателот на Франција.

Макрон во интервјуто за „РМЦ спорт“ истакна дека сака француските фудбалски клубови да напредуваат, а посебно им се обрати на навивачите на Марсеј, чиј фан е тој.

„Сите знаат дека навивам за Олимпик Марсеј и тоа не е тајна. Браво за оваа сезона и се надевам дека се подготвени за летниот преоден рок и дека ќе се направи тим што ќе може да ја освои титулата. Имаме право да сонуваме“, рече претседателот на Франција.

ПСЖ и Марсеј се големи ривали, а во последните децении тоа се издигна на посебно ниво, па имаше и доста инциденти на дуелите на двата тима со по 10 титули во Франција.

Тоа е рекорд, а ист број шампионски круни има и Сент Етјен, тим што испадна од Првата лига.

Во 2017 година Макрон си го исполни сонот и играше фудбал со тогашните ѕвезди на Олимпик Марсеј.

- Оглас -

Најнови вести