Макс Ферстапен најбрз на „Сузука“ во Јапонија

Четирикратниот Ф1 шампион Макс Ферстапен е победник на трката за Големата награда на Јапонија на патеката „Сузука“. Тоа е трета трка оваа сезона во Формула 1, а и прв триумф за Ферстапен, кој стартуваше и од пол позицијата.


На првите две трки победија возачите на Мекларен, Ландо Норис и Оскар Пиастри.

Актуелниот светски шампион, по вчерашната пол-позиција, ја задржа предноста од квалификациите и рутински стигна до победа на трката за Големата награда на Јапонија.

Зад него завршија двајцата возачи на Мекларен, Ландо Норис и Оскар Пиастри, додека четвртата позиција му припадна на возачот на Ферари, Шарл Леклер.

Потоа следуваше двоецот од Мерцедес, Џорџ Расел и Кими Антонели, додека Луис Хамилтон ја заврши трката на незадоволителната седма позиција. Во првите десет се пласираа и Изак Хаџар, Алекс Албон и Оливер Бирман.

Клучен момент на трката се случи во 22-от круг, кога и Ферстапен и Норис влегоа во боксот и излегоа речиси во исто време, при што Норис мораше да излезе на тревата и на тој начин остана зад Холанѓанецот.

Судиите на патеката ја прегледаа ситуацијата и одлучија дека нема причина да го казнат Ферстапен, кој така стигна до својата прва победа во новата сезона.

- Оглас -

Најнови вести