Макс Ферстапен го изрази своето незадоволство од казната на ФИА по инцидентот со пцовки на прес-конференцијата во Сингапур. Неговите одговори беа кратки и директни, а шпекулациите за можен крај на неговата кариера во Формула 1 стануваат сè погласни.
Актуелниот шампион на Формула 1, Макс Ферстапен, ја шокираше јавноста со најавата дека би можел да се повлече од спортот. Сѐ започна по инцидентот на прес-конференцијата на ФИА, каде што Ферстапен беше казнет за пцовки, кога изјави дека Ред Бул „го зезна“ неговата болид во Азербејџан.
ФИА му изрече казна во форма на општествено корисна работа, што беше главниот повод за неговото незадоволство.
На квалификациите во саботата, Ферстапен се покажа видливо незаинтересиран за долги одговори на прашањата од новинарите. Наместо тоа, тој одлучи да комуницира надвор од официјалните прес-конференции, организирајќи импровизирани средби со медиумите.
По трката, на која заврши на второто место, ситуацијата се повтори – кратки одговори во прес-салата и поотворена комуникација надвор од неа.
Запрашан дали казната од ФИА поради пцовките би можела да доведе до негово рано повлекување од спортот, Ферстапен одговори без двоумење – „Апсолутно.“
Според неговите зборови, ваквите инциденти и постојаните ограничувања во спортот стануваат сѐ потешки за поднесување.
„Не можеш да бидеш свој или мораш да се справуваш со вакви глупости“, изјави Ферстапен, видно фрустриран.
Тој додаде дека е во фаза од кариерата каде што му е важно да ужива во она што го прави, а по сите титули и победи, желбата за постојано докажување почнува да избледува.
„Се бориме до нашите граници, без разлика дали сме на врвот или на дното на гридот. Но, ако мораш да се справуваш со вакви глупости, за мене тоа е знак да размислам за иднината“, изјави Ферстапен.
Неговите зборови предизвикаа реакции во светот на Формула 1, и многумина се прашуваат дали губењето на мотивацијата е сериозна закана за неговото останување во спортот. Неговата доминација на патеката е неспорна, но изјавата дека му е важно да ужива во животот може да укаже дека моментната ситуација повеќе не го исполнува.
Доколку не се промени ситуацијата, Ферстапен би можел да биде еден од ретките возачи кои го напуштаат спортот на врвот на својата кариера. ФИА, пак, не ги коментираше неговите изјави, оставајќи простор за дополнителни шпекулации.