Максимално користење на шансите: Шест удари во рамки, пет гола за Атлетико

Атлетико Мадрид со убедливи 5-0 триумфираше на гостувањето кај Осасуна и ја запиша првата победа по рестартот на сезоната во Ла Лига. Јорганџиите првпат сезонава постигнаа пет гола на еден првенствен дуел, а воедно ја запишаа најголемата победа во историјата во меѓусебните дуели против Осасуна.

Жоао Феликс отвори во 27-мата минута од првото полувреме, а само по десетина минути од вториот дел, талентираниот Португалец зголеми на 2-0. Голеадата продолжи во финишот од средбата, а во листата на стрелците се запишаа Љоренте, Мората и Караско до 88-мата минута. Интересно е што Атлетико шестпати упати удар во рамките на голот од Рубен, а мрежата не ја затресе само еднаш.

Атлетико со 12-тата победа по 29 кола се врати во битката за пласман во ЛШ, сега е на четвртото место на табелата со 49 бода, два повеќе од Сосиедад и Хетафе, додека Осасуна останува на 11-тото место со 35 бода.

 

 

- Оглас -

Најнови вести