4.8 C
Skopje
петок, 23 јануари 2026

Максути ќе тресе мрежи за Љуботен, но ќе се обиде и да донира заедно со Sport Life (Фото)

Останува речиси уште еден месец до почетокот на Првата женска фудбалска лига на Македонија, а се чини дека најголемиот трансфер оваа зима веќе се случи. Репрезентативката Илза Максути е ново засилување за освојувачот на двојната круна, Љуботен од Тетово, и без сомнеж ќе биде прва ѕвезда во продолжение од сезоната.

Максути веќе го носеше дресот на Љуботен, но само на натпреварите од првата фаза од квалификациите за женската Лига на шампиони, кога екипата од Тетово направи историски успех и го освои првото место во групата во Скопје, а сега доаѓа со амбиција да му помогне на клубот во остварување на амбициите, кои се шампионски.

„Враќањето во Љуботен ми носи голема мотивација бидејќи ова е средина во која веќе направивме голем успех, посебно тоа се однесува на Лигата на шампионите. Ги знам очекувањата и одговорноста кои ги носи овој клуб. Верувам дека со напорна работа и тимска игра можеме да го повториме тој стил на игра и да ја одбраниме титулата. Целта е јасна – Љуботен секогаш мора да се бори за највисоките цели“, вели Максути по доаѓањето во Тетово.

Девојките на Љуботен веќе ги започнаа подговотките за продолжение од сезоната, закажани се и контролните натпревари, и тоа против врвни екипи од регионов. Тетовки ќе спарингуваат со Вардар и Тиверија, но и со Машинац и Црвена ѕвезда од Србија, Митровица од Косово и Будуќност Подгорица од Црна Гора.

„Тренираме напорно. Раководството ни обезбеди идеални услови за тренинг и подготовка, а тоа треба да го искористиме за да бидеме поподготвени за она вистинското кое ни следува, натпреварите од првенството и од Купот на Македонија. Ќе одиграме квалитетни подготвителни натпревари против екипи од Македонија, но и од соседството“, додава новата фудбалерка на Љуботен, Илза Максути.

Во продолжение хуманитарниот тикет кој доколку биде добитен, средствата ќе бидат донирани онаму каде што ќе бидат најпотребни.

- Оглас -

Најнови вести