Актуелниот германски првак во одбојка Берлин рисајклинг волејс е на прагот на шокантна преселба во полското првенство, а вториот обид по се изгледа ќе им биде успешен.
Десеткратниот шампион на земјата како втора најтрофејна екипа во историјата на германската одбојка преговара на сопствена иницијатива за да се приклучи во првенството на соседната земја и актуелен светски првак, Полска.
„Се обидовме пред неколку години, но тоа беа само обични разговори. Сега е многу поконкрентно и добивме позитивни сигнали од Полска. Сепак патот ќе биде многу долг и со големи реакции, но мора да сториме нешто, да смениме нешто се во име на квалитетот на одбојката во Германија. Нашата желба е да останеме да се натпреваруваме во нашата лига, во Германија, но мора да се менуваат многу работи“, вели Кавај Нироманд, генералниот менаџер на БР Волејс.
Нироманд е Иранец по потекло, а во клубот е од 1991 година и одлично ги познава состојбите во германската одбојка, која според него е во пад на клупски план. Берлин е шампион на Германија од 2016 година во континуитет, а идеата да се пресели во полското првенство наиде на критики.
„Ова е себичен чин што не покажува солидарност во услови на криза. Чудно е однесувањето на берлинци“, вели Мајкл Еверс, првиот човек на германската одбојка.
Но и Еверс има многу проблеми, што ги истакна и Нироманд, а германската Прва лига се уште нема генерален спонзор, клубовите се мачат со финансиите, што е состојба која беше актуелна и пред корона-кризата.
„Немаме напредок, маркетингот е слаб, интересот за ваква лига и одбојка е незначителен, а нема ниту идеи како да се помрднат работите. Секој треба да си ја врши својата работа за доброто на германската одбојка“, вели Иранецот на чело на шампионскиот тим БР волејс, кој останува посветен на проектот да се пресели во соседството, кај актуелните светски прваци.