Малдини: Јас сум најголемиот губитник

Човекот без кој тешко е да се замисли составување на идеален тим во историјата на фудбалот бидејќи важи за еден од најдобрите одбранбени фудбалери кои некогаш играле, Паоло Малдини, чувствува дека е голем губитник. Загубените финални мечеви го болат повеќе отколку што добиените му донеле радост.

„Јас сум всушност најголемиот губитник во историјата. Да, освоив многу, но загубив три финалиња во Лигата на шампионите, едно финале на европскиот Суперкуп, три финалиња на Интерконтиненталниот куп и по едно финале на Светското и Европското првенство“, наброи Малдини што има загубено.

Веројатно најболни порази му се оној од Ливерпул во 2005, од Бразил во 1994 и од Франција во 2000. Малдини ретко даваше голови, но рано погоди за 1-0 за Милан против Ливерпул во истанбулското финале, Милан поведе и со 3-0, а на крајот Црвените славеа на пенали откако средбата заврши 3-3. Во финалето на СП 1994, Малдини и Италија загубија од Бразил на пенали, додека од Франција беа совладани во продолженија, откако во регуларниот дел Италијанците испуштија победа и примија гол во 90-тата минута.

- Оглас -

Најнови вести