Малер за Бабунски и Ашковски – Докторот на Ботошани има Ковид-19, наместо на терен фудбалерите испратени во карантин

Давид Бабунски нема среќа конечно да дебитира за Ботошани, а со него вечерва ќе нема настап и за Стефан Ашковски, бидејќи мечот со Универзитатета Крајова е одложен. Причината е што во клубот на двајцата македонски интернационалци има два случаи на позитивни на Ковид-19. Докторот на тимот и еден член на младинскиот тим на Ботошани имаа позитивни тестови и целиот тим, а со него и двајцата поранешни македонски репрезентативци се испратени во 14-дневен карантин.

Ова требаше да биде премиерен меч при рестартот на романското првенство, но двата случаи сега го загрозуваат продолжението на сезоната.

Бабунски на почетокот на март потпиша за Ботошани, но веднаш потоа следеше прекин на првенството поради пандемијата со Коронавирус, па Давид се уште го чека дебито за новиот тим.

Ашковски е стандарден член на романскиот клуб од лани, а Ботошани, ако воопшто продолжи романското првенство ќе продолжи во плејофот за титулата, каде се одиграни две кола до прекинот на сезоната.

Следен меч, во овој случај и премиерен што би означил рестарт во Романија треба да биде дуелот меѓу актуелниот првак Клуж и најтрофејниот клуб во земјата Стеауа, во недела од 19 часот.

- Оглас -

Најнови вести