Малку се, ама се незгодни – Има шампиони и во Лигата на Европа

Динамо Загреб и Салцбург се единствените две екипи што се актуелни шампиони на своите земји, а останаа во игра за пехарот во Лигата на Европа.

Во осминафиналето за првпат во клупската историја е Динамо Загреб и популарните „модри“ вечерва против Бенфика ќе се обидат да ја продолжат убавата авантура во второто по квалитет клупско натпреварување во Европа.

Ќе мораат да одат на подвиг без капитенот Аријан Адеми, кој е отсутен поради проблеми со стомакот и нема да игра на двата меча против лисабонските „орли“.

Сепак, Динамо сезонава игра одлично, а Олмо, Петковиќ, Оршиќ и останатите момци во сини дресови пленеа со фудбалските претстави на европски план. По 50 години пауза успеаја да презимат во Европа и сега имаат амбиции да го изненадат двојниот европски првак Бенфика.

Португалскиот тим е фаворит, има серија од одлични резултати и во домашното првенство и во Лигата на Европа, а на последите 14 европски двомечи беше поразен и елиминиран само од Баерн и од Борусија Дортмунд.

Салцбург е ланскиот хит од Лигата на Европа, а австрискиот првак за влакно не стигна до финалето. Примија гол од Марсеј во последните моменти од продолженијата и беа елиминирани во полуфиналето, а сезонава повторно играат брилијантно. На ред е тежок двомеч со Наполи, но австрискиот првак покажа дека не респектира ниту многу пореномирани екипи од нив и е тврд орев за фаворитите и во овој циклус од натпревари во Лигата на Европа.

 

 

- Оглас -

Најнови вести