Еден од мечевите кој го привлекува вниманието во квалификациите за пласман во Лигата на шампионите е дуелот помеѓу шведски Малме и дански Копенхаген. Скандинавското дерби на два града кои се разделени со море, но истовремено и најкратка релација за гостување во историјата на Лигата на шампионите.
Благодарение на мостот Оресунд, растојанието помеѓу овие два града е само 40 километри или нешто помалку од еден час возење, па затоа го има и приматот за најкраткото гостување во Лигата на шампионите, барем кога се работи за екипи од различни земји.
За разлика од Малме и Копенхаген, најдалечното гостување е она помеѓу Лисабон во Португалија и Астана во Казахстан, неверојатни 6.164 километри. Во 2015 година во групната фаза од Лигата на шампионите играа Бенфика и Астана, па овој рекорд и по 10 години, се уште не е соборен.