Голманот на Грузија, Георги Мамардашвили, призна дека претстојниот противник во осминафиналето на ЕВРО 2024, селекцијата на Шпанија, е голем фаворит за титулата на турнирот, но беше категоричен дека тој и соиграчите ќе дадат сѐ од себе за да направат уште една сензација.
Голманот на Валенсија е едно од откритијата на Европското првенство во Германија, со дури 20 одбрани во групната фаза.
„За мене Шпанија е големиот фаворит за освојување на титулата. Сепак, Грузија е мала земја, но со големо срце, и мораме да се бориме максимално и да видиме што ќе се случи. Веќе направивме одличен успех на Европско првенство и сега треба да уживаме, да се бориме и да се натпреваруваме до крајот. Пофалбите за моите одбрани? Не е лесно, но подготвен сум максимално. Цела година се подготвував за да го достигнам ова ниво и се надевам дека ќе продолжам на истиот начин. Треба да бидеме добри цврсти во одбраната и да се обидеме да бидеме брзи во противнападите“, вели голманот на Грузија.
Тој смета дека и Грузијците имаат свои адути, а Кварацхелија, според него, е подобар од сите фудбалери на Шпанија.
„Мислам дека имавме лоша среќа при поразот со 1-7 од Шпанците минатиот пат. Сепак, и ние имаме квалитетни фудбалери. Микаутадзе е одличен и мислам дека и тој ќе оди во некој многу голем клуб. За Кварацхелија мислам дека е подобар од сите поединечно во составот на Шпанија. Нема да кажам дека ќе победиме, но можам да кажам дека ќе се бориме до крај и ќе видиме што ќе се случи“, изјави Мамардашвили.