Грузискиот голман, Георги Мамардашвили, по големата победа против Реал Мадрид откри дека Винисиус јуниор му е должен 50 евра, што ги изненадило присутните новинари во микс зоната. Играчот на натпреварот откри дека разговарал со Бразилецот непосредно пред да го изведе казнениот удар за Реал Мадрид во средината на првиот дел и дека се обложиле за 50 евра.
„Разговарав со Винисиус и должен ми е 50 евра”, објасни со насмевка грузискиот голман, на што новинарите во микс зоната го прашаа: „Како, зошто?”.
Следеше одговорот на Мамардашвили.
„Му реков дека ќе се обложиме за 50 евра дека ќе му го одбранам пеналот. Тој се согласи, јас му го одбранив и победивме. Требаше да ми плати по натпреварот, но досега не ми дал ништо”, истакна голманот на Валенсија.
Грузиецот ќе биде нов голман на Ливерпул од почетокот на следната сезона, со кој потпиша договор минатото лето, но оваа сезона остана на позајмица во Валенсија. Поради тоа македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски поголем дел од сезоната го мина на клупата за резервни фудбалери на Валенсија.