Манчестер ј. девет часа нема дадено гол од игра, а одбраната им е „швајцарско сирење“

Во последниот месец, Манчестер јунајтед нема ништо позитивно со што може да се пофали. Најтрофејниот англиски клуб реди очајни резултати. Седум порази во последните девет меча и неверојатно слаба игра на двете страни од теренот.

Според статистиката, „црвените ѓаволи“ имаат голем проблем да дадат гол. На четири од последните пет меча Јунајтед не даде гол. Единствените два погодоци се двата гола на Пол Погба од пенали, во победата од 2:1 против Вест Хем.

Од последниот гол даден од игра на Манчестер поминати се речиси девет часа. Тоа се случи на 2 април во поразот од Вулверхемптон од 2:1, кога прецизен беше Скот Мектомини. Освен слабата игра во нападот, Манчестер има и очајна одбрана.

Последен пример на конфузна одбрана се виде на градското дерби против Манчестер сити, посебно кога „граѓаните“ го дадоа вториот гол. Одбранбената линија на Манчестер делуваше така што цел свет се изнасмеа на поставената одбрана.

Веќе 12 натпревари по ред Манчестер јунајтед прима барем еден гол, што е израмнување на неславниот рекорд од далечната 1971 година. Тимот веќе има примено 50 голови во првенството, нешто што се нема случено од сезоната 1978/79.

И покрај сите овие очајни факти, Манчестер јунајтед уште има шанси да се бори за четвртото место кое води во Лигата на шампиони за следната сезона. Славен тест за тоа ќе им биде дербито кое ќе го играат в недела на „Олд Трафорд“ против директниот ривал Челзи.

 

- Оглас -

Најнови вести