По одигрување на првиот дел од сезоната во Премиер лигата, Манчестер јунајтед оваа сезона многу поблиску е до зоната за испаѓање отколку до местата кои водат излез во Европа. Црвените ѓаволи освоија само 22 бода и тоа е доволно за 14-тото место на табелата, што се само седум повеќе од Ипсвич, кој е на 18-тата позиција и е во зоната за испаѓање.
Дури и тренерот Рубен Аморим јавно проговори дека најтрофејниот тим во англиското првенство е во опасност да испадне. Доколку тоа се случи, Манчестер ќе има неверојатен финансиски удар, кој тешко дека ќе може да се надополни.
Во 2023 година Манчестер јунајтед потпиша десетгодишен договор за спонзорство со фирмата за спортска опрема „Адидас“. Тој договор беше вреден една милијарда и 86,5 милиони евра. Според англиските медиуми, германската фирма има право да го раскине овој договор доколку Манчестер јунајтед испадне во Чемпионшип.
Тој договор би се раскинал дури по една година, но „Адидас“ ќе има право и за тековната сезона да ги намали испатите, и тоа до 50 отсто ако Манчестер јунајтед не биде дел од Премиер лигата. „Адидас“ му „кине“ по 12 милиони евра на клубот и за секоја сезона во која Црвените ѓаволи нема да играат во Лигата на шампионите, што значи дека има драстично кратење на спонзорскиот договор.
Дури и ако остане во Премиер лигата, Манчестер јунајтед губи многу пари поради лошите игри и слабиот пласман на табелата. Минатата сезона тимот заврши на осмото место на табелата и заработи 48,9 милиони евра. Колку за споредба, шампионот Манчестер сити имаше бонус од 75,2 милиони евра. Клубовите кои испаѓаат од Премиер лигата максимум може да добијат 11,3 милиони евра.
Останува вториот дел од сезоната во англиското првенство во кое Манчестер јунајтед треба да покаже дали може да излезе од оваа резултатска криза или ќе бидеме сведоци на една сезона во која најтрофејниот клуб во Премиер лигата може дури и да испадне.