Манчестер јунајтед спои две победи по ред во Премиер лигата, и тоа против големите ривали Манчестер сити и Арсенал. Најпрво со 2:0 го победија градскиот ривал Сити на „Олд Трафорд“, а потоа го изненадија и лидерот Арсенал откако со 3:2 славеа на гостувањето во Лондон.
На овие два меча еден од најдобрите на теренот беше Патрик Доргу. Младиот 21-годишен дефанзивец не само што добро ја вршеше работата во дефанзивата, туку успеа да даде по еден гол во победите над Сити и Арсенал.
Токму на мечот против Арсенал, Доргу се пожали на болки во мускулот на ногата и мораше да биде заменет во второто полувреме. Лекарските прегледи покажаа дека се работи за посериозна повреда на задниот бутен мускул и дека ќе мора да паузира во следните 10 недели.
Интесно е дека по доаѓањето на Мајкл Карик за тренер на Манчестер, Доргу доби нова позиција. Во формацијата 4-2-3-1, Доргу игра како лево крило, а користејќи ја брзината, успева да биде голема опасност за противничките одбрани.
Сега останува тренерот Карик да најде соодветна замена за позицијата на која Доргу играше и постигнуваше голови во дерби-дуелите против Сити и Арсенал. Проценките се дека Доргу може да се врати на теренот дури на 11 април, на мечот против Лидс.

