Галатасарај и Манчестер јунајтед одиграа нерешено 3:3 во меч од петтото коло во Лигата на шампионите. Гостите од Англија може да жалат што не ги освоија трите бода бидејќи водеа со 2:0, потоа и со 3:1, но на крајот освоија само еден бод, кој најверојатно нема да биде доволен во мисијата Црвените ѓаволи да се пласираат во нокаут-фазата од Лигата на шампионите.
Гарначо донесе предност за Манчестер јунајтед само по 11 минути игра, а веќе во 18-тата минута беше 2:0 за гостите, кога Бруно Фернандеш постигна феноменален гол.
Галатасарај не се предаде и во 29-тата минута со прекрасниот шут од слободен удар намали на 1:2, што беше резултат на полувреме.
На почетокот од второто полувреме Манчестер јунајтед брзо даде и трет гол кога Мектомини погоди во 55-тата минута.
https://twitter.com/i/status/1729939076294295840
Сепак и ова водство не беше доволно за гостите да се радуваат. Зијех повторно со гол од слободен удар намали на 2:3 во 62-рата минута, а Актуркоглу со уште еден прекрасен гол во 71-вата минута израмни на 3:3.
Покрај одличната игра на теренот и шесте гола, феноменална беше и атмосферата на трибините што ја создадоа домашните фанови кои пред средбата во кореографија испратија порака на која пишуваше „Добре дојдовте во пеколот“. На крајот, Манчестер јунајтед не го издржа „пеколот“ во Истанбул.