Манчестер јунајтед ја нема силата како во времето на легендарниот тренер Сер Алекс Фергусон, но сепак има нешто што гигантот од „Олд Трафорд“ остана да го негува, а тоа е сопствената школа. Според агенцијата „Тифоси“, која се занимава со спортска анализа, најтрофејниот англиски клуб е број 1 во Топ 5 лигите според бројот на играчи од својот погон.
Фудбалери кои се сметаат за „домашен производ“ се оние кои немаат наполнето 21 година, а веќе имаат поминато три години во клубот или во клупската академија. Во направената пресметка се земени сите оние фудбалери кои се пријавени да бидат дел од првиот тим.
По оваа анализа, Манчестер јунајтед е водечки во Европа со дури 40 отсто фудбалери кои доаѓаат од домашен погон. Зад Манчестер, очекувано е Атлетик Билбао. Баскијците се познати по тоа дека не сакаат странци во својата екипа, па затоа дури 37,5 отсто од играчите се од нивната академија.
Место во Топ 5 на оваа листа има и за Селта виго, Мајнц и Херта. Од популарните европски клубови на листата на која има 40 клубови во Европа има место за Челзи, Арсенал, Баерн Минхен, Реал Мадрид, Барселона…