Ливерпул ја игра најдобрата сезона во клупската историја. По 18 меча, има речиси перфектен биланс од 17 триумфи и само едно реми. Гигантот од „Енфилд роуд“ веќе 30 години мечтае да се израдува на титулата, а со играта во оваа сезона тоа е повеќе од реално да се случи.
Лидерот Ливерпул има двоцифрена предност во однос на сите останати ривали. Колку што Ливерпул е доминантен, толку се лоши клубовите кои во овие три децении беа главни во Премиер лигата. Манчестер јунајтед е рекордер со 13 титули во последниве 30 години, додека Арсенал освои 4 круни, а неколку сезони беа веднаш зад Црвените ѓаволи. Клубовите коишто тогаш доминираа, сега се очајни во споредба со Ливерпул.
Манчестер јунајтед досега освои 28 бодови, додека Топчиите имаат 24 бодови, што значи дека заедно овие два клуба имаат освоено 52 бода, колку што сам освои Ливерпул. Интересно е што Црвените ѓаволи и Арсенал имаат одиграно по 19 средби, додека Ливерпул до бројката од 52 бодови стигна по 18 одиграни натпревари.