Манчестер јунајтед и Њукасл се први полуфиналисти во Лига купот

Фудбалерите на Манчестер јунајтед и Њукасл обезбедија пласман во полуфиналето на англискиот Лига куп откако вечерва против Чарлтон, односно Лестер, ја искористија предноста што играат пред своите гледачи.

Црвените ѓаволи со 3:0 го совладаа Чарлтон, додека во премиерлигашката пресметка, Њукасл по вторпат за 15-тина дена го совлада Лестер, овој пат со 2:0.

Победата на Јунајтед на „Олд Трафорд“ ја најави Антони со голот во 21-вата минута, а во последните моменти од средбата, Маркус Рашфорд со два гола, во 90-тата и во 94-тата минута обезбеди убедлив триумф.

Њукасл во полуфиналето на Лига купот ќе игра благодарение на головите постигнати во второто полувреме. Ден Бирн во 60-та минута го отвори резултатот, а 12 минути подоцна, Жоелинтон го постави конечниот резултат.

Утре ќе се играат преостанатите две четвртфинални пресметки во кои се среќаваат Нотингам форест – Вулверхемптон и Саутхемптон – Манчестер сити.

- Оглас -

Најнови вести