Требаше да биде дерби, а на крајот Манчестер јунајтед убедливо со 4:0 го победи Челзи, во мечот со кој се комплетираше првото коло во Премиер лигата. Со оваа победа на Јунајтед, двата тима од Манчестер го запоседнаа врвот во англиското првенство.
Челзи добро го започна мечот, нападна, но гостите не постигнаа гол. Се играше 18 минута, кога беше направен пенал за Манчестер, а Маркус Рашфорд погоди за 1:0, што беше и резултат по првите 45 минути.
И во вториот дел беше неизвесно до 65 минута. Тогаш Марсијал погоди за 2:0, а само 95 секунди подоцна веќе беше 3:0, благодарение на вториот погодок на Рашфорд.
Точка на шоуто на „Театарот на соништата“ стави Даниел Џејмс. Играчот кој летово дојде од Свонси, во игра влезе во 74 минута, а само седум минути подоцна погоди за високи 4:0. Вкупно 280 меча во кои Манчестер водел на полувреме на „Олд Трафорд“ не загубил. Денеска стигна до 264 победа во ваквите средби, а има и само 16 нерешени.
Стартниот тим на Манчестер беше со просечна старост од 24 години и 227 денови, што е најмлад стартен тим во првото коло од Премиер лигата. Челзи цели 41 година немал полош старт во првенството и потежок пораз во првото коло.