Менаџерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер, е подготвен да соработува со спортски директор откако Норвежанецот потврди дека разговарал на оваа тема со потпретседателот Ед Вудвард и еден од сопствениците на клубот, Џоел Глејзер. Најтрофејниот англиски клуб за првпат во историјата ќе ангажира спортски директор, а првите кандидати се луѓе од стручниот штаб.
Во периодот кога Сер Алекс Фергусон беше на клупата на „црвените ѓаволи“, немаше потреба за човек на оваа позиција бидејќи легендарниот стратег беше тој кој одлучуваше за трансферите во екипата. Јунајтед имаше намера да вработи спортски директор по неговото заминување, не го сторија тоа кога менаџери беа Дејвид Мојс и Луис ван Хал, додека Жозе Мурињо одби да соработува бидејќи и тој сакаше да има целосна контрола врз трансферите.
Сега работите ќе се сменат, па така Јунајтед ќе има одговорен човек за нови засилувања, кој во соработка со Солскјер ќе има задача да трага и да ангажира адекватни играчи.
Во игра се двајца од стручниот штаб на клубот, Марсет Боут, кој пристигна со Луис ван Хал и остана во Манчестер по отказот на Холанѓаецот, а работи како главен на тимот составен од скаути. Шефот за развој на младинскиот погон, Џон Муртах, исто така е земен предвид, а конечната одлука ќе се донесе во најскоро време.
Раководството исто така работи на обновување на соработките на сите тренери во стручниот штаб, односно асистентите на Солскјер, со цел да се обезбеди долгорочно решение во спортскиот сектор на клубот.
Манчестер јунајтед вечерва (20:45 часот) гостува кај Вулверхемптон во рамките од 33-тото коло во Премиер лигата.