Манчестер јунајтед ќе направи голем ремонт на екипата во овој преоден рок

Со девет порази само во 20 одиграни натпревари, Манчестер јунајтед ја има најлошата сезона во последните речиси 100 години. Тимот заостанува дури 14 бода зад лидерот Ливерпул и мали се шансите да се бори за висок пласман бидејќи Арсенал, кој е четврти на табелата, има 40 бода, односно девет повеќе од Црвените ѓаволи.

Освен во првенството, Манчестер беше очаен и во Европа, па во групната фаза од Лигата на шампионите заврши на последното место и со тоа ја заврши европската авантура за оваа сезона.

Според најавите од Англија, со стартот на зимскиот преоден рок започна и мисијата за ремонт во тимот на Манчестер јунајтед. Во клубот од пред 10-тина дена има и нов газда, а тоа е британскиот милијардер Џим Ретклиф, кој купи 25 отсто од акциите и тој треба да даде „финансиска инјекција“ за клубот да биде многу поактивен во овој преоден рок.

За да може да доведе нови фудбалери, Манчестер јунајтед ќе мора и да продаде дел од сегашниот кадар. Според најавите, се очекува дури осуммина фудбалери да си заминат од „Олд Трафорд“ во овој месец за да се отстапи простор за играчи кои ќе треба да донесат квалитет и подобри резултати во вториот дел од сезоната.

Како споредба за тоа колку е лош Манчестер јунајтед, покажува и бројот на постигнати голови. Фудбалерите на англискиот гигант сезонава дадоа само 22 погодока и според реализацијата, се послаби дури и од дебитантот Лутон, кој има постигнато 23 погодоци во 19 средби.

 

- Оглас -

Најнови вести