Де Лихт е убеден: Манчестер јунајтед ќе се бори за трофеј сезонава

Дефанзивецот на Манчестер јунајтед, Матајс де Лихт, е подготвен да се бори за освојување на трофеј. Холандскиот репрезентативец потенцира дека тимот влегува во „најважната фаза“ од сезоната.

Де Лихт признава дека кога направил трансфер во Манчестер јунајтед, не очекувал Црвените ѓаволи да бидат во долната половина од табелата во Премиер лигата, но дефанзивецот верува дека тимот што моментално го води менаџерот Рубен Аморим сè уште може да ја заврши сезоната на високо ниво.

Минатата сезона Јунајтед го победи Манчестер сити во финалето на ФА купот, а сега го брани тронот. Во петтото коло за ривал го има лондонскиот Фулам. Освен во ФА купот, Манчестер јунајтед е во трка и за трофејот во Лигата на Европа, каде што во осминафиналето прво ќе гостува во Шпанија кај Реал Сосиедад, а потоа реваншот ќе го игра на свој терен.

„Сега доаѓа навистина важна фаза од сезоната. Ни престојат мечеви во ФА купот и Лигата на Европа, а очигледно е и дека треба да се фокусираме и на Премиер лигата. Ние сè уште сме во борба за трофеј во две навистина важни натпреварувања. Тука е и Премиер лигата, па ова е почеток на најважната фаза од сезоната. Манчестер јунајтед навистина е голем клуб. Да бидам искрен, не сум навикнат да играм за тим кој е на 14-тото место на табелата, но ова е еден вид лекција. Учиме од секоја ситуација. Победата над Ипсвич навистина беше важна и се надевам дека може да донесе поголема самодоверба кај играчите за да направат уште подобро“, додаде Де Лихт.

- Оглас -

Најнови вести